ОЛИМПИЈАДАТА ВО ТОКИО СЕ ОТВОРА ВО СЕНКА НА ПАНДЕМИЈАТА – ТРИБИНИТЕ ПРАЗНИ, А СПОРТИСТИТЕ САМИ ЌЕ СИ ГИ СТАВААТ МЕДАЛИТЕ

    ОЛИМПИЈАДАТА ВО ТОКИО СЕ ОТВОРА ВО СЕНКА НА ПАНДЕМИЈАТА – ТРИБИНИТЕ ПРАЗНИ, А СПОРТИСТИТЕ САМИ ЌЕ СИ ГИ СТАВААТ МЕДАЛИТЕОрганизаторите претходно решија да нема гледачи, ни странски, ни домашни (Фото: АП)

    По Европското фудбалско првенство, и Олимписките игри во Токио се отвораат денеска со една година одложување, во периодот кога во градот повторно е на сила вонредната состојба поради новото ширење на коронавирусот.

    Организаторите не престанаа да повторуваат дека Игрите ќе се одржат безбедно, и покрај повиците на јавноста и лекарите да бидат откажани или одложени. Ден пред официјалниот почеток, во Токио беа регистрирани речиси 2.000 нови случаи на зараза, што е најголема дневна бројка од 15 јануари, а десетина олимпијци веќе го откажаа настапот поради позитивен тест.

    Организаторите претходно решија да нема гледачи, ни странски, ни домашни, што ќе доведе до нереални и депресивни слики на натпревари пред празни трибини и на овие ОИ им го донесе статусот на најтажни досега.

    Жалиме што Игрите ќе се одржат во многу ограничен формат, но се соочуваме со ширењето на коронавирусот. Им се извинуваме на сите кои купија билети“, изјави шефицата на Организацискиот комитет, Сеико Хашимото.

    Исто така, организаторите се погрижија контактот помеѓу олимпијците надвор од борилиштата да се сведе на минимум, па алкохолот ќе биде забранет и им беше сугерирано да избегнуваат секс. На пиедесталот, тие сами ќе си ги ставаат медалите околу врат и забрането им е да се гушкаат и поздравуваат. Спортистите ќе мора да прославуваат сами во своите соби, без присуство на семејството.

    Одложувањето на Игрите исто така придонесе за зголемување на трошоците за 2,8 милијарди долари, со што тие вкупно ќе чинат 15,4 милијарди долари и ќе бидат најскапи во историјата.

    Во Токио ќе има 33 спортови со 339 дисциплини, а натпреварите ќе се одржуваат во 42 борилишта, од кои осум се новоизградени. Македонија ќе ја претставуваат осуммина олимпијци во седум спортови. 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира