Македонија со три порази во Ц групата го заврши историскиот прв настап на европските првенства. Тоа беше заокружено на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам, каде што најдобрите македонски фудбалери во смела и отворена игра изгубија од Холандија со 3:0, при што им беа поништени два гола и еднаш погодија статива.
Овој натпревар истовремено означи крај на една ера во македонскиот фудбал, откако капитенот Горан Пандев за последен пат го носеше националниот дрес, а вкупно 122. пат од дебито во јуни 2001 година. Домаќините му укажаа голема чест на Пандев, па пред почетокот на средбата му подарија портокалов дрес со број 122, а во 68. минута го испратија од теренот со аплауз и овации.
Мемфис Депај учествуваше во постигнувањето на сите три гола на Холандија: самиот ја затресе мрежата на Димитриевски во 24. минута, а потоа му асистираше на двојниот стрелец Вајналдум во 51. и 58. минута.