ПИРЛО НЕМА ДА БИДЕ СЕЛЕКТОР НА ИТАЛИЈА ПОРАДИ СПОНЗОРСКИ ДОГОВОР СО РУСКА ОБЛОЖУВАЛНИЦА

    ПИРЛО НЕМА ДА БИДЕ СЕЛЕКТОР НА ИТАЛИЈА ПОРАДИ СПОНЗОРСКИ ДОГОВОР СО РУСКА ОБЛОЖУВАЛНИЦАПреку објава на Инстаграм, Пирло соопшти дека дознал оти повеќе не е во опција за селекторската позиција во репрезентацијата. (Фото: Инстаграм)

    Поранешниот италијански репрезентативец Андреа Пирло потврди дека повеќе не е кандидат за нов селектор на фудбалската репрезентација на Италија. Причина за ова е притисокот од јавноста и политичарите поради неговиот спонзорски договор со руската обложувачница „Фонбет“.

    Неколку италијански политичари изразија загриженост за улогата на Пирло како амбасадор на руската компанија, велејќи дека идниот селектор на националниот тим не треба да има ставови што се во спротивност со официјалната поддршка на Италија за Украина во војната со Русија.

    Преку објава на Инстаграм, Пирло соопшти дека дознал оти повеќе не е во опција за селекторската позиција во репрезентацијата. Поранешниот фудбалер од средниот ред претходно објасни дека договорот со „Фонбет“ е поврзан со неговата работа во Обединетите Арапски Емирати и дека има исклучиво комерцијален и спортски карактер. Тој додаде дека давањето политичка димензија на таа соработка му препишува убедувања што никогаш не ги изразил и кои не му припаѓаат.

    И покрај тоа што Пирло ја имаше поддршката од новоименуваниот технички директор на Италијанската фудбалска федерација, Паоло Малдини, контроверзијата предизвика сериозни реакција кај политичарите. Потпретседателката на Европскиот парламент, Пина Пичерно, рече дека по уште еден неуспех и пропуштено Светско првенство, на италијанскиот фудбал му е потребна културна, етичка и менаџерска револуција, а изборот на Пирло оди во спротивна насока.

    Италијанската фудбалска федерација се сврте кон Пирло, кој беше подготвен да го напушти тимот на Дубаи јунајтед, откако првите желби за наследник на Џенаро Гатузо, Пеп Гвардиола и Карло Анчелоти, ја одбија понудата. Гатузо се повлече од функцијата во април по спогодбен раскин, откако Италија третпат по ред не успеа да се квалификува на Светско првенство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира