Новак Ѓоковиќ од понеделник повторно ќе биде светски рекет број еден, откако Рафаел Надал се повлече од Мастерс турнирот во Париз. Организаторите на турнирот соопштија дека Шпанецот го откажал денешниот дуел со Фернандо Вердаско поради повреда на стомакот, што го доведува во прашање и неговиот настап на завршниот турнир на сезоната во Лондон.
Ова автоматски го враќа Ѓоковиќ на врвот на АТП-листата, што претставува своевиден подвиг, имајќи предвид дека годината ја почна од 22. место.
Ѓоковиќ за последен пат беше прв на 31 октомври 2016 година, по што помина низ најтешкиот период во кариерата и во средината на минатата година зеде подолга пауза од тенисот поради повреда на лакотот.
И стартот на сезоната не ветуваше многу, а враќањето кон врвот го најави со освојувањето на Вимблдон, по што триумфираше и на Отвореното првенство на САД.