ПОЧИНА ДИЕГО АРМАНДО МАРАДОНА

    ПОЧИНА ДИЕГО АРМАНДО МАРАДОНАМарадона беше инспирацијата зад триумфот на Аргентина на Светското првенство 1986 во Мексико (Фото: Гети)

    Диего Армандо Марадона, еден од најголемите фудбалери на сите времиња, почина денеска на 60 години откако претрпел срцев удар. Тој излезе од болница пред само две недели, откако му беше опериран тромб во мозокот.

    Марадона како капитен ја предводеше Аргентина до втората светска титула на Мундијалот во Мексико во 1986 година, кога постигна гол со рака во четвртфиналето против Англија, што останува еден од најконтроверзните моменти во историјата на фудбалот.

    Роден во сиромашно маало на Буенос Аирес на 30 октомври 1960, Марадона од мали нозе покажувал дека е несекојдневен талент, што потоа го искористи за да стане еден од најдобрите и најобожувани фудбалери на сите времиња, играјќи за Бока џуниорс, Барселона, Наполи и Аргентина.

    Во 21 година кариера, тој постигна 259 голови на 491 натпревар, но таа беше обележана и со скандали, главно поради користење кокаин. Тој разви зависност од кокаин за време на седумгодишниот престој во Наполи и првата, 15-месечна суспензија ја заработи во 1991. Три години подоцна беше исфрлен од Светското првенство во САД поради позитивен тест на ефедрин. Неговиот приватен живот оттогаш излезе од контрола и, меѓу другото, двапати беше хоспитализиран поради срцеви проблеми.

    Сепак, ништо од тоа не го засени неговиот неспоредлив фудбалски талент и ФИФА го прогласи за најдобар фудбалер на 20. век, заедно со Пеле.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира