Пол Погба побарал од Манчестер јунајтед да биде продаден ова лето, изјави неговиот менаџер Мино Рајола.
Се верува дека еден од најдобрите француски играчи сака да се пресели во Реал Мадрид, чиј тренер Зинедин Зидан, исто така, е заинтересиран за овој трансфер.
„Сите во Јунајтед, од тренерот до сопственикот, ја знаат желбата на Пол. Сите се свесни за неговата волја да си замине и ние работиме на тоа. Сите знаат каде се чувствата на Пол“, изјави најмоќниот европски менаџер.
Погба не се појави на стартот на подготовките на Манчестер, но од клубот уверуваат дека тој ќе патува со екипата за Австралија на претсезонската турнеја. Рајола вели дека се сомнева во тоа.
„Не можам да ви кажам ништо за тоа. Јас живеам од ден за ден“, рече тој.
Погба има договор со Манчестер до 2021 година и засега не е познато колкава сума би барал клубот за него.