МЕ ПОНЕСОА ЕМОЦИИ, КАЖА ЏЕРДАН ШАЌИРИ ЗА ПРОСЛАВАТА НА ПОБЕДНИЧКИОТ ГОЛ ПРОТИВ СРБИЈА

    МЕ ПОНЕСОА ЕМОЦИИ, КАЖА ЏЕРДАН ШАЌИРИ ЗА ПРОСЛАВАТА НА ПОБЕДНИЧКИОТ ГОЛ ПРОТИВ СРБИЈАНа ист начин ги прославија головите против Србија. - Гранит Џака и Џердан Шаќири (Фото: ЕПА)

    Швајцарскиот репрезентативец со косовско потекло Џердан Шаќири вели дека бил понесен од емоциите, откако со прекрстени раце во стилот на двоглав орел го прослави победничкиот гол против Србија во 90. минута, на еден од најисчекуваните натпревари на Светското првенство во Русија.

    Швајцарија славеше со 2:1, откако направи голем пресврт во второто полувреме, почнувајќи од голот на уште еден фудбалер со албанско потекло, Гранит Џака, кој прослави на ист начин.

    „Мислам дека во фудбалот секогаш има емоции. Видовте што направив и тоа беше чиста емоција. Многу сум среќен што го постигнав тој гол и нема веќе што да зборуваме за тоа“, изјави Шаќири.

    Тој направи мала провокација и пред средбата, кога на една од копачките го стави знамето на Косово, кадешто е роден.

    „Ако толку многу го сака Косово, зошто ја одби можноста да игра за нивната репрезентација“, кажа српскиот напаѓач Александар Митровиќ.

    Босанецот на клупата на Швајцарија, Владимир Петковиќ, изјави дека за политика нема место во фудбалот.

    „Јасно е дека беа покажани емоции и тоа е тоа што се случи. Мислам дека сите ние треба да ја одвоиме политиката од фудбалот и да се фокусираме на оваа прекрасна игра, која ги зближува луѓето“, кажа Петковиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира