Јаник Синер ја завршува најдобрата сезона во кариерата со две гренд слем титули, но и дамката на позитивен допинг тест, за кој помина неказнето.
Тој синоќа стана првиот Италијанец кој го освоил Отвореното првенство на САД, по победата над Тејлор Фриц со 3:0 во сетови во финалето, што дојде шест месеци откако паднал на допинг тест, за што се дозна непосредно пред почетокот на турнирот во Њујорк.
„Оваа титула ми значи многу зашто последниот период од мојата кариера не беше лесен. Истрагата беше и сѐ уште ми е во мислите, но кога сум на терен, се обидувам да се носам со ситуацијата најдобро што можам. Притисокот беше голем, зашто околностите пред почетокот на турнирот не беа лесни“, изјави 23-годишниот Синер.
Шест дена пред ждрепката за Ју-Ес опен се откри дека Синер уште во март имал два позитивни теста за анаболичкиот стероид клостебол, кој помага да се гради мускулната маса. Тој бил ослободен од вината откако Меѓународната агенција за интегритет во тенисот му го прифатила тврдењето дека ненамерно бил контаминиран од неговиот физиотерапевт Џакомо Налди. Синер во меѓувреме ги отпушти Налди и својот фитнес тренер, но останаа прашањата дали со овој случај било постапувано поинаку од оние на другите играчи поради неговиот статус на светски рекет број еден.
Целата ситуација беше критикувана и од некои тенисери, вклучувајќи ги Роже Федерер и Новак Ѓоковиќ, кои кажаа дека има недоследности во случајот.
„Не можам ни да замислам како сега се чувствуваат сите оние играчи кои добија суспензии поради забранети супстанци“, кажа канадскиот тенисер Денис Шаповалов.