ПРИЛЕПЧАНИ ПО 10 ГОДИНИ ЌЕ ГЛЕДААТ ПРВОЛИГАШКИ ФУДБАЛ, А ПОБЕДА ПО ТРИ СЕЗОНИ СЕ ВРАЌА ВО ЕЛИТНОТО ДРУШТВО

    ПРИЛЕПЧАНИ ПО 10 ГОДИНИ ЌЕ ГЛЕДААТ ПРВОЛИГАШКИ ФУДБАЛ, А ПОБЕДА ПО ТРИ СЕЗОНИ СЕ ВРАЌА ВО ЕЛИТНОТО ДРУШТВОЕкипата на Победа од Прилеп по вчерашното примање на шампионскиот пехар во Виница и по три сезони играње во Втората лига – Исток се враќа во Првата фудбалска лига. (Фото: СДК.МК )

    Фудбалската екипа на Победа од Прилеп вчера во Виница пред почетокот на последниот натпревар од годинашното првенство со домашната Слога го прими шампионскиот пехар за првото место во Втората лига – Исток . На прилепчани иако не им беше важен овој натпревар, бидејќи го обезбедија првото место уште на претходниот натпревар на свој терен против Беласица од Струмица, сепак ја победија домашната Слога со 2:1.

    „Прилепчани 10 години не гледаа прволигашки фудбал затоа што седум години поради реновирање на стадионот во Прилеп натпреварите ги игравме во други градови, а во последните три сезони се натпреварувавме во Втората лига – Исток. Годинава заслужено го освоивме првото место во лигата и конечно наесен љубителите на фудбалот ќе имаат можност во Прилеп да гледаат прволигашки фудбал каде ни е местото“, вели капитенот на екипата Даниел Карчески на вчерашното примање на пехарот во Виница.

    Нов прволигаш од наредната сезона ќе биде и екипата на Силекс од Кратово која пак уште на две кола пред крајот на првенството во Втора лига – Запад стана шампион.

    Од двете втори лиги. бараж за влегување во Првата лига ќе играат второпласираните екипи на Беласица од Струмица и Воска Спорт од Охрид. Во новата сезона ќе нема две групи, Исток и Запад затоа што е донесена одлука за едиинствена Втора лига со 16 екипи.

    Пласман за единствената Втора лига обезбедија екипите заклучно со седмо пласираните на табелата од двете второлигашки групи, а ќе се пополнат со двете екипи кои ќе испаднат од Првата лига.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира