ПРВАТА ГРАДСКА ТРКА ВО БИТОЛА „ТРЧАЈ БЕ“ ЌЕ СПОИ ЗАБАВА И ВИСТИНСКИ НАТПРЕВАР

    ПРВАТА ГРАДСКА ТРКА ВО БИТОЛА „ТРЧАЈ БЕ“ ЌЕ СПОИ ЗАБАВА И ВИСТИНСКИ НАТПРЕВАРНа трката ќе има учесници од десетина држави, меѓу кои и од Танзанија (Фото: СДК.МК)

    Над 760 тркачи од десетина држави, меѓу кои и Танзанија, професионални атлетичари, актери, музичари, уметници, бизнисмени, па и политичари ќе бидат учесници на првата градска трка, што ќе се одржи оваа недела во Битола. Има симболично име „Трчај бе“, бидејќи, како што велат организаторите, во животот заборавивме да се движиме и многу време поминуваме во седење. Трките на пет и 10 километри се в недела, со почеток во девет часот на плоштадот Магнолија.

    „Ние не сме атлетски клуб. Нам не ни се најважни тие кои први ќе ја поминат целта, иако им се восхитуваме и ракоплескаме. Секој голем напор и секое поминување низ целта се победа за сите нас. Нашата цел е да создадеме што повеќе задоволни ‘Трчај бе‘ вљубеници и да им помогнеме да ги поминат своите први и најбрзи километри. Ние сме тркачите на Битола и со ‘Трчај бе‘ создаваме нова спортска приказна за градот”, велат од организацијата „Трчај бе“, која ја сочинува група битолчани докажани во своите професии и локал патриоти.

    Освен рекреативни тркачи, за учество се пријавени и атлетски професионалци, така што во Битола ќе има и забава, но и вистински натпревар. Ќе учествуваат и Дарио Ивановски, кој е генерално непобедлив на сите трки во Македонија од 3.000 метри до полумаратон, македонскиот шампион и рекордер во маратон Александар Кираџиев, Кокан Ајановски, најдобриот битолски атлетичар Кристијан Стојани, како и министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

    Во женска конкуренција ќе трчаат балканската шампионка на 3.000 и 5.000 метри Теодора Симовиќ, македонската рекордерка на 5.000, 10.000 метри и маратон Адриана Поп Арсова, поранешната шесткратна македонска шампионка во маратон и полумаратон Весна Кираџиева и други.

    Ќе има и натпреварувачи од Србија, БиХ, Бразил, Чешка, Хрватска, Велика Британија, Танзанија, САД и Германија.

    Победниците ќе ги прогласи Вера Вељанова, која во својата спортска кариера има освоено 70 златни, 15 сребрени и три бронзени медали.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира