РАГБИСТИТЕ НА ФИЏИ ПО ПЕТ МЕСЕЦИ ЌЕ СИ ГИ ВИДАТ СЕМЕЈСТВАТА ОТКАКО ГО ОСВОИЈА ЗЛАТОТО ВО ТОКИО

    РАГБИСТИТЕ НА ФИЏИ ПО ПЕТ МЕСЕЦИ ЌЕ СИ ГИ ВИДАТ СЕМЕЈСТВАТА ОТКАКО ГО ОСВОИЈА ЗЛАТОТО ВО ТОКИОИграчите ги почнале подготовките на 18 април и оттогаш постојано се во карантин, кој ги чека и по враќањето дома (Фото: АП)

    Рагбистите на Фици го одбранија олимпиското злато откако во финалниот меч го совладаа Нов Зеланд со 27:12 и за награда, конечно ќе си ги видат семејствата по дури пет месеци. Нивната победа беше бурно прославена во малата пацифичка држава, и покрај тоа што на сила е полициски час од 18 до четири часот поради ширењето на коронавирусот.

    За селекторот Гарет Бејбер и неговите играчи, подготовките за Олимписките игри среде пандемија беа долго и чудно патување.

    „Ги затворивме играчите на пет месеци. Имаше ситуации кога некои се обидоа да излезат. Прво бевме во карантин во Фиџи, а потоа и во Австралија, пред да играме контролни мечеви. И затоа морам да им оддадам посебно признание на сите во тимот“, вели Велшанецот на клупата на Фиџи, Бејбер.

    Играчите се собрале во тренинг-камп на 18 април, во понеделникот после Велигден, мислејќи дека ќе си одат дома в петок.

    „Место тоа, во вторник им беше кажано дека нема да можат да се вратат и оттогаш не ги виделе семејствата. Тоа бара една посебна посветеност. Во Фиџи бевме затворени во хостел и добивме посебна дозвола да продолжиме да тренираме. Гаражата ја претворивме во теретана и таму останавме 12 недели. Кога ќе се вратат дома и ќе поминат низ задолжителниот карантин, ќе поминат повеќе од 20 недели откако за последен пат си ги виделе семејствата“, вели Бејбер.

    Земјата со 900.000 жители беше силно погодена од пандемијата и регистрираше над 25.000 заразени и 200 смртни случаи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира