РОБИ ВИЛИЈАМС ГО ОТВОРИ 21. СВЕТСКО ФУДБАЛСКО ПРВЕНСТВО, ПУТИН НЕ ОЧЕКУВА ЧУДА ОД РУСКИОТ ТИМ

    РОБИ ВИЛИЈАМС ГО ОТВОРИ 21. СВЕТСКО ФУДБАЛСКО ПРВЕНСТВО, ПУТИН НЕ ОЧЕКУВА ЧУДА ОД РУСКИОТ ТИМРоби Вилијамс беше задолжен за забавата на отворањето на Мундијалот, кое траеше 15-ина минути (Фото: ЕПА)

    Танчари и жонглери во боите на репрезентациите-учеснички, британската поп-ѕвезда Роби Вилијамс и руски класични музичари, вклучувајќи ја и сопранистката Аида Гарифулина, се изменуваа во настапите на теренот на стадионот „Лужники“ во Москва, најавувајќи го почетокот на 21. Светско фудбалско првенство.

    Самата церемонија на отворањето траеше едвај 15-ина минути, а симболичниот прв удар на првенството го изведе двократниот светски првак Роналдо со помош на едно момче, додавајќи ѝ на маскотата, волкот Забивака. Пред тоа, топката на теренот ја донесе руската манекенка Викторија Лопирева.

    Почнувајќи од дуелот Русија-Саудиска Арабија, кои според ранг-листата на ФИФА се најлошите репрезентации на турнирот, во наредните 32 дена ќе се одиграат вкупно 64 натпревари, а новиот светски првак ќе се добие на 15 јули на стадионот „Лужники“ во Москва.

    Трофејот на Светското првенство на терен го донесоа легендарниот шпански голман Икер Касиљас и рускиот супермодел Наталија Водјанова, и тоа во кутија на „Луј Витон“ (Фото: ЕПА)

    Мундијалот ќе се игра на 12 стадиони во 11 градови, распространети на преку 2.880 километри. Токму „Лужники“ е најголемиот стадион, со капацитет од 81.000 седишта.

    Првиот меч на ова СП го играат Русија и Саудиска Арабија, двете најслаборангирани селекции (Фото: Гети)

    За првпат во историјата на светските првенства, ќе се користи видео-технологија за проверка на спорни ситуации.

    Домаќините очекуваат над еден милион странски навивачи да дојдат во Русија за време на Мундијалот, во чија организација биле вложени 11,6 милијарди долари.

    „Не верувам дека Русија ќе направи голем резултат. Мои фаворити се Шпанија, Германија, Аргентина и Бразил“, кажа рускиот претседател Владимир Путин минатата недела.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира