САМО НАПРАВИЈА КАТАЛОНИЈА УШТЕ ПОВЕЌЕ ДА СЕ ОДДАЛЕЧИ ОД ШПАНИЈА, КАЖА НИЗ СОЛЗИ ПИКЕ

    САМО НАПРАВИЈА КАТАЛОНИЈА УШТЕ ПОВЕЌЕ ДА СЕ ОДДАЛЕЧИ ОД ШПАНИЈА, КАЖА НИЗ СОЛЗИ ПИКЕБарселона побара натпреварот да биде одложен, но се сложи да се игра зад затворени врати на стадионот „Камп Ноу“ за да избегне одземање бодови или суспензија. - Пике по мечот со Лас Палмас (Фото: принтскрин/Марка ТВ)

    Фудбалерот на Барселона Жерард Пике заплака поради сликите од полициска бруталност против граѓаните кои се обидуваа да гласаат на денешниот референдум за независност во Каталонија. Градоначалникот на регионот кажа дека над 460 луѓе се повредени при интервенцијата на полицијата на гласачките места за референдумот, кој што беше прогласен за нелегален од шпанската влада.

    Пике, по натпреварот со Лас Палмас пред празни трибини, кажа дека го имал најлошото искуство во кариерата. Со солзи во очите, Пике зборуваше со новинарите по натпреварот.
    „Немаше никаква агресија од страна на луѓето денеска и сепак, полицијата постапи како што постапи денеска“, изјави Пике.

    Барселона побара натпреварот да биде одложен, но се сложи да се игра зад затворени врати на стадионот „Камп Ноу“ за да избегне одземање бодови или суспензија. На крајот, Барселона го победи Лас Палмас со 3:0.
    „Беше многу тешко да се игра без нашите навивачи по се што се случи денеска низ Каталонија. Ова беше моето најлошо искуство како играч. Дедовци одеа со внуците да гласаат и сликите зборуваат сами. Сите протести беа ненасилни, но сите видовме како полицијата реагираше денеска и мислам дека ќе има последици“, вели Пике.

    Пике беше обвинет дека е контрадикторен со тоа што го поддржува референдумот, а продолжува да игра за шпанската репрезентација.
    „Да, го поддржувам референдумот, но може да се гласа да или не за независност. А можеш и да го поништиш гласачкото ливче. Јас сум Каталонец и се чувствувам како Каталонец денеска повеќе од кога било. Мислев дека ќе се обидат да го спречат гласањето, но на мирен начин, не вака. Ова е најлоша одлука што ја направила оваа земја во последните 40 години. Само направија Каталонија уште повеќе да се оддалечи од Шпанија“, рече Пике.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира