Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше кум на свадбата на поранешниот германски репрезентативец Месут Озил, што се одржа во луксузен хотел во Истанбул. Триесетгодишниот Озил, кој има турски корени, се ожени со актерката Амине Ѓулсе по две години врска, една година откако објавија дека се свршени.
На свадбата во хотелот „Фор сизонс“ на брегот на Босфор присуствуваше и Ердоган, со кого Озил се фотографираше во пресрет на Светското првенство во Русија, за што беше остро критикуван и подоцна го наведе како причина за повлекување од репрезентацијата на Германија, тврдејќи дека бил изложен на „расизам и непочитување од јавноста“. Ердоган се задржал на свадбата околу половина час.
Озил во март изјави дека го прашал Ердоган да му биде кум, што, исто така, не беше добро прифатено во германската јавност.
„Тажни сме што Озил донесол такви одлуки“, изјави тогаш Хелге Браун, шефицата на кабинетот на Ангела Меркел.
Сопругата на Озил, Амине Ѓулсе, е родена и порасната во Шведска и е поранешна Мис Турција, со 1,9 милиони следбеници на Инстаграм.