После шест дена одење и поминати 170 километри од Велес до Лопушник, петнаесетмина планинари од Велес, Скопје, Битола, Македонски Брод и Куманово му оддадоа почит на поетот и револуционер Коста Солев. По секојдневно 12-часовно одење, на високи температури, некаде и со пороен дожд, ноќевања во манастири, планинарски домови и во шатори, учесниците беа заморени, но задоволни од постигнатата цел – да се поклонат на гробот на Рацин.
„13-мина планинари го изодеа целиот марш, а тројца се откажаа поради замор и работни обврски. Плускавци, дехидрирање, замор, крлежи, грчеви, болки и отоци во колена беа составен дел. Се мачевме, секој од нас водеше своја лична борба со жештината и километрите. Некои се откажаа, некои бевме на граница на откажување, ама, ете, издржавме некако“, вели организаторот Игор Смилев од еколошката групација „Зелена сила“.
Тој изрази голема благодарност до Општина Велес за поддршката, до 25-те лица кои како „невидлива“ логистика придонеле за успешноста на маршот.
„Сѐ уште живееме во реалноста за која пишуваше и во која живееше Рацин. Се потсмеваме на искрената љубов и ги стигматизираме сиромашните и социјално нееднаквите. Неговите стихови нѐ потсетуваат на нашата несовршеност и сѐ уште неоткриен и неискористен потенцијал за искрена и безусловна љубов. Рацин останува да биде совршен спој на минатото и иднината, во чиј лик и зборови можеме долго да гледаме, без да ја наведнеме главата“, кажа Смилев.
П. ПЕЧКОВ