ШАХОВСКИ ТАЛЕНТИ ОД СТРУМИЦА ЌЕ НАСТАПАТ НА СВЕТСКО И ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, НА ПЛОШТАДОТ ИГРАА СО МИНУВАЧИ И ГО ПРОМОВИРАА ОВОЈ СПОРТ

    ШАХОВСКИ ТАЛЕНТИ ОД СТРУМИЦА ЌЕ НАСТАПАТ НА СВЕТСКО И ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, НА ПЛОШТАДОТ ИГРАА СО МИНУВАЧИ И ГО ПРОМОВИРАА ОВОЈ СПОРТНа струмичкиот плоштад се одржа настанот „Играме со шампионите. (Фото: СДК.МК)

    Македонските шампиони во шах од Струмица во категориите до 8 и 10 години кои ќе земат учество на Светското првенство во Египет и Европското во Романија ги одмеруваа силите со струмичани на плоштадот Гоце Делчев, а паралелно го промовираа и овој спорт меѓу младите.

    Станува збор за членовите на шаховскиот клуб „Цареви Кули“ од Струмица Мартин Гоцев, Ина Крумова, Јован Вукашиновиќ и Надица Велкова кои на Државното првенство во Струга се закитија со медали и стекнаа право да ја претставуваат Македонија на големи натпреварувања.

    Гоцев е Државен првак на Македонија до 10 години, Крумова до 8 додека Вукашиновиќ и Велкова бронзени во своите конкуренции до 8 години. На настанот „Играме со Шампионите“ на струмичкиот плоштад на отворено се приклучи и Ахмет Селим Абдурахман од Скопје кој во категоријата до 8 години е шампион на Македонија.

    „Нашата цел беше да ги испромовираме овие шаховски таленти кои се спремаат за големите натпреварувања во Септември и Октомври но и да ги поттикнеме струмичани да играат шах. Ова игра ја зајакнува самодовербата кај деците ги тера да размислуваат логички. Ќе ни биде мило ако родителите кои знаат шах еднаш дневно седнат со своите деца и ги учат на ова игра“, кажа Стојне Карадакоски, организатор на настанот.

    Шаховскиот клуб „Цареви кули“ од Струмица постои околу две години и веќе брои околу 60-тина членови, претежно деца и млади. Имаат и свои клупски простории во училиштетот „Јане Сандански“ каде што секојдневно работат, тренираат, разработуваат можни потези. Како клуб организираат и месечни турнири на кои учествуваат и повозрасни. Сепак, фокусот им се учениците и сметаат дека во редовната настава во училиштата треба да се размислува да се воведе и шахот.

    „Децата неслучајно имаат ваков успех бидејќи тоа се должи на нивната упорност овде на часовите во клубот и родителите кои им даваат поддршка. За овој кус временски период направивме бум со младите во земјава и станавме фаворити на Шаховската федерација на Македонија. Во Струга бевме со 13 деца и се вративме со четири медали. Со оглед дека добивме право а паралелно ги обезбедивме потребните средства, Мартин Гоцев, Ина Крумова и Јован Вукашиновиќ од 14 до 27 октомври ќе настапат на Светското првенство во шах за деца во Египет додека Надица Велкова на Европското во Романија од 4 до 15 септември. Овој настан е исто така и од подготовките бидејќи ги одмеруваа силите и со повозрасни“ ни изјави Филип Козарев еден од тренерите во ШК „Цареви Кули“.

    Мартин Гоцев, Ина Крумова, Јован Вукашиновиќ, Надица Велкова и Ахмет Селим Абдурахман ќе ја претставуваат Македонија на Светското и Европското првенство во шах. (Фото: СДК.МК)

    Од талентите најгласен и најтемпераментен е Мартин Гоцев. Тој секогаш може да ве насмее. Шахот го сфаќа како забава но вели дека секогаш е сконцентриран на потезите на противникот. На секој можен потег дава договор кои се можните три со можни варијанти понатаму.

    „Сакам да играм шах. Во Струга имаше 9 кола и беше забавно.Ќе видиме како ќе биде во Египет“, вели Гоцев.

    За разлика од Гоцев, Крумова е посрамежлива. Таа со шахот е половина година. Освен во клубот тренира и со нејзиниот брат дома. Во Струга со својата другарка Надица Велквоа од Струмица партија шах играле дури 2 часа и 10 минути.

    „Не е тешко ако сака да се научи. Едноставно е забавно бидејќи креирам стратегија како да го нападнам кралот или како да се бранам“, кусо вели Крумова.

    И Јован Вукашиновиќ сака да победува. Според него важен е секој потег. Љубовта кон шахот ја наследил од татко му со кого секој ден се надмудрува. Надица Велкова не зборува многу но на шаховската табла кажува многу. Таа заедно со Абдурахман ќе ја претставуваат Македонија на Европското во Романија.

    Сите тие најавија дека ќе дадат сè од себе за да бидат меѓу најдобрите во Египет и Романија и ако им се укаже можност ќе се борат и за медали. Нивното заминување на овие големи натпреварувања беше под знак прашалник со оглед на слабиот капацитет на Шаховската федерација, но благодарение на Општината која издвои средства но и повеќе фирми, овие деца ќе ја преставуваат Македонија во шах во Египет и Романија.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира