ШТИП ОСТАНА БЕЗ КОШАРКА, А ПРЕД 87 ГОДИНИ БЕШЕ ПРВ ГРАД ВО МАКЕДОНИЈА СО КОШАРКАРСКА ТОПКА, ВЕЛИ 86-ГОДИШНИОТ ТРЕНЕР МЕТОДИ ШИШКОВ

    ШТИП ОСТАНА БЕЗ КОШАРКА, А ПРЕД 87 ГОДИНИ БЕШЕ ПРВ ГРАД ВО МАКЕДОНИЈА СО КОШАРКАРСКА ТОПКА, ВЕЛИ 86-ГОДИШНИОТ ТРЕНЕР МЕТОДИ ШИШКОВМетоди Шишков е најзаслужниот за формирање на најуспешната штипска кошаркарска екипа Работник (Фото: СДК.МК)

    Во предвечерието на празникот Голема Богородица, на 27 август 1933 во Штип се одиграл првиот кошаркарски натпревар во Македонија, а, можеби, и на Балканот. Неколку месеци пред тоа, штипјанецот Трајко Кошевалиски од Словенија ја донел првата кошаркарска топка, што за младите штипски спортисти било атракција и доживување.

    Првите кошаркари биле штипските гимнастичари, таканаречени соколи, кои на просторот пред денешното ОУ „Ванчо Прќе“ направиле импровизирано игралиште и меѓусебе се поделиле на бели и сини. Подоцна со селекција од двата спротивставени табора била формирана првата кошаркарска екипа, која во наредните години настапувала и во други градови. Кошевалиски бил и првиот судија.

    По Втората светска војна, младите штипски соколи играле кошарка и на новото игралиште кај Соколаната, до зградата на сегашниот Народен театар. Но, ѕвездените мигови штипската кошарка ги доживува во 1960-1970-ите, кога во салата на ДТВ „Партизан“ се поставиле кошеви, а подоцна и во дворот на гимназијата.

    На тие светли страници од штипскиот баскет се присетува доајенот на штипскиот спорт, 86-годишниот кошаркарски и фудбалски тренер Методи Шишков. Тој како еден од првите дипломци на спортската академија во Белград станал професор во гимназијата и веднаш се зафатил со формирање екипи во повеќе спортови.

    Една од најдобрите генерации ма штипски кошаркари од 1970-ите: Љупчо Тасев, Миле Петковски, Делчо Толев, Димитар Димитров, Спиро Каев, Мијалче Попандонов (клечат), Тодор Јовановски, Мите Барбареев, Тодор Рибарски, Тано Тутунков, Мики Димитриевски, Димитар Михајлов (Фото: приватна архива)

    „Низ отвореното школско кошаркарско игралиште продефилираа повеќе генерации на одлични ученици и надежни спортисти. На тогашните градски татковци им приложив програма за формирање кошаркарска машка, а подоцна и женска школа. Беше прифатена и создадовме млад надежен состав кој го доби името Работник“, вели Шишков.

    Според него, врвните успеси на штипската кошарка се случиле во 1970-ите, кога Работник како најдобар во Македонија се стекнал со право да игра квалификации за пласман во Втората лига на Југославија.

    „Трениравме пеколно, но се разочарав кога градските татковци ме викнаа и ми кажаа дека нема пари за одење, ниту за учество во Втората лига. И така заврши нашиот сон“, вели тој.

    Пред да ја создаде оваа успешна генерација, тој ја донел втората кошаркарска топка во Штип.

    „Преку Ниш отидов во Софија. Имав пари само за една топка. Колку само труд и сопствени средства сум потрошил за одење на натпревари“.

    Кога градското раководство по вторпат ја откажало поддршката на кошаркарскиот клуб, искусниот педагог по физичка култура ја прифатил понудата да биде тренер на ФК Брегалница, но и натаму ја помагал кошарката. Во фудбалот извесно време работел заедно со професорот Мирко Наџаков, а во кошарката со неговиот колега и еден од првите штипски кошаркари Миле Дулдуров.

    По нивното заминување во пензија, штипската кошарка продолжи со успеси, но со краток здив. Голем напредок се направи пред десетина години кога Универзитетот „Гоце Делчев“ создаде своја професионална кошаркарска екипа. Кога и таа згасна, веќе неколку години Штип е без кошарка. Спортските педагози не сакаат да слушнат за развој на спортот без финансиска поддршка. Во последно време, на сите проблеми им пркоси единствено кадетската машка и женска екипа на професорот Петре Петковски од гимназијата во Штип, која, помогната од компанијата „Кит-го“, ја одржува во живот штипската кошарка.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари