ШТИПЈАНКАТА АНДРЕА НИСЕВА, ОСВОЈУВАЧКА НА ЕВРОПСКА БРОНЗА ВО БОРЕЊЕ, КОНЕЧНО ЌЕ НАСТАПУВА ЗА МАКЕДОНИЈА МЕСТО ЗА БУГАРИЈА

    ШТИПЈАНКАТА АНДРЕА НИСЕВА, ОСВОЈУВАЧКА НА ЕВРОПСКА БРОНЗА ВО БОРЕЊЕ, КОНЕЧНО ЌЕ НАСТАПУВА ЗА МАКЕДОНИЈА МЕСТО ЗА БУГАРИЈАНа средбата во МОК, претседателот Димевски ветил дека Андреа Нисева ќе биде под негово менторство (Фото: МОК)

    Раководството на боречкиот клуб Олимпија од Штип се сретна со претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, при што беше договорено младата штипјанка Андреа Нисева во иднина да настапува за Македонија наместо за Бугарија, како што беше случај во изминатите неколку години.

    Олимпија како боречки клуб постои шест години. Досега во клубот тренирале над сто перспективни борачи во женска и машка конкуренција на возраст од осум до 23 години, кога започнува категоријата сениори. Но, ниеден од нив од разноразни причини не можел да настапува за Македонија на меѓународни натпревари, вели еден од тренерите и татко на Андреа, Кире Нисев.

    Тој додава дека неколку години не можеле да најдат разбирање со Националната боречка федерација и Агенцијата за млади и спорт.

    За овие случувања во боречкиот спорт во Македонија поднесовме разни пријави, тужби и реакции до надлежните институции, но сите се огласија како ненадлежни или кажаа дека предметите застареле. Така, ниеден наш член не можеше да настапува на меѓународни натпревари. Бугарската боречка федерација ги прифати младите македонски таленти. Андреа Нисева освои бронзен медал на последното Европско првенство, беше најдобра и на Балканот, но овие извонредни успеси се ставени во аналите на бугарското борење“, велат од клубот.

    Исто така, голем број млади борачи на Олимпија биле врбувани или на инсистирање на родителите заминале во други македонски клубови, како Чаир, Балканец и Бучим.

    На средбата во МОК, Димевски ветил дека Андреа Нисева ќе биде под негово менторство, а МОК ќе се грижи и за останатите млади таленти од овој спорт кои досега биле спречени да настапуваат за Македонија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира