ШТИПЈАНКАТА АНЕТА КИРОВСКА Е ВО КОЛИЧКА ОД РАЃАЊЕ, НО МУ СЕ ПОСВЕТИ НА СПОРТОТ И КАКО НАТПРЕВАРУВАЧКА И КАКО НАВИВАЧКА

    ШТИПЈАНКАТА АНЕТА КИРОВСКА Е ВО КОЛИЧКА ОД РАЃАЊЕ, НО МУ СЕ ПОСВЕТИ НА СПОРТОТ И КАКО НАТПРЕВАРУВАЧКА И КАКО НАВИВАЧКАКировска често учествува на атлетски митинзи за спортистите со хендикеп како фрлач на копје (Фото: СДК.МК)

    Штипјанката Анета Кировска е инвалид од раѓање, но таа е голема љубителка на спортот и самата е спортистка. Учествува на сите атлетски митинзи за спортистите со хендикеп како фрлач на копје, но ги следи и останатите спортски натпревари, особено фудбалот.

    Анета не пропушта натпревар на Брегалница во Штип (Фото: СДК.МК)

    „Сега кога температурите се високи, добро е што раководството на Брегалница донесе одлука натпреварите да ги игра навечер, под рефлеткори“, вели Анета.

    „Ќерка ми го сака спортот и постојано, на телевизија или во живо, гледа натпревари. Фудбалот го сака и затоа што нејзиниот татко Стојан беше фудбaлер на Астибо од Штип и Рудар од Пробиштип. Но, многу сака да фрла и копје. Воопшто не ѝ е важно каков резултат ќе постигне, многу сака да учествува, затоа што спортот за неа е забава, а преку него стекнува и голем број пријатели. Апелирам до раководствата на стадионите да направат повеќе приодни влезови, па и ложа за инвалиди, за да можат полесно да влегуваат“, вели мајката Драгица.

    Таа упатува апели и до невладини организации, општината и до Министерството за труд и социјала да ја зголемат грижата за ваквите лица.

    „Анета уште од бебе боледува од хидроцефалус, собирање вода во мозокот, а боледува и од параплегија на долните екстремитети, па не е во можност да оди. Од министерката за труд и социјала Мила Царовска барав преку разни проекти што се спроведуваат за луѓето со попреченост да ангажираат физиотерапевт, кој еднаш или двапати во неделата ќе работи со Анета за да не ѝ атрофираат мускулите. Но, бев одбиена со образложение дека тоа е приватна работа. Апелирам и до општината и до невладини организации во нивните проекти за општокорисна работа да ангажираат и вакви лица“, вели мајката Драгица.

    И покрај болестите што ги има, Анета е интелигентна девојка и сама успеала да научи да ракува со компјутер, да игра видеоирги, но и да решава сложени задачи и програми. Дури ја подучува и својата мајка како да навлезе во тајните на компјутерот и интернетот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира