СЛЕДНИОТ МУНДИЈАЛ ЌЕ БИДЕ НАЈГОЛЕМИОТ ДОСЕГА, ФИФА ЌЕ МОРА ДА НАЈДЕ УШТЕ 16 КВАЛИТЕТНИ СЕЛЕКЦИИ

    СЛЕДНИОТ МУНДИЈАЛ ЌЕ БИДЕ НАЈГОЛЕМИОТ ДОСЕГА, ФИФА ЌЕ МОРА ДА НАЈДЕ УШТЕ 16 КВАЛИТЕТНИ СЕЛЕКЦИИМароко стана само трета селекција надвор од Европа и Јужна Америка која играла полуфинале на СП (Фото: АП)

    Следното светско првенство, што ќе се игра во 2026 година во САД, Канада и Мексико, ќе биде најголемото досега, зашто бројот на учесниците ќе се прошири од 32 на 48. Тоа значи дека поголем број „мали селекции“ ќе добие животна шанса да игра на најпрестижното фудбалско натпреварување.

    Сепак, останува нејасно дали поголемо значи подобро. Иако тоа ќе ги зголеми шансите за неверојатни победи како неодамнешната на Саудиска Арабија над Аргентина, во Катар исто така беа видени резултати како Шпанија-Костарика 7:1, Англија-Иран 6:2 и Франција-Австралија 4:1, додека домашната селекција ги изгуби сите три меча во групата. ФИФА ќе мора да копа уште подлабоко во ранкингот на меѓународниот фудбал за да дојде до 48 учесници.

    Тоа значи дека ќе мора да најдеме уште 16 добри тима. Убеден сум дека ако репрезентациите имаат повеќе шанси да излезат на светската сцена, тоа ќе значи поголем развој на фудбалот во тие земји“, изјави Арсен Венгер, шефот на Глобалниот фудбалски развој на ФИФА и еден од главните промотори на проширувањето.

    ФИФА претходно најави дека форматот на следното СП ќе биде 16 групи со по три тима, но сега малку се премислува околу тоа. Венгер вели дека конечната одлука засега не е донесена. Во тој случај би се играле 80 меча за 32 дена, но ако групите бидат со по четири екипи како досега, бројот на натпревари ќе се зголеми на 104 и првенството ќе трае една недела подолго.

    Во Катар, три азиски селекции се пласираа во осминафиналето, што досега не се случило, а африканските тимови собраа повеќе бодови во групната фаза од кога било.

    Видете како се одвиваше ова првенство! Не е како пред 30 години, кога големите риби живи ги јадеа малите“, изјави селекторот на Сенегал, Алиу Сисе.

    Во 92-годишната историја на светските првенства, сите титули ги имаат освоено селекции од Европа и Јужна Америка, а само три од досегашните 88 полуфиналисти не беа од овие два континента. Исклучоци се САД во 1930, Јужна Кореја во 2002 и Мароко во 2022.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира