Австралијците гневно реагираа на веста дека на Новак Ѓоковиќ му е дозволен настап на Отвореното првенство на Австралија иако не е вакциниран против ковид-19. Шефот на турнирот Крег Тајли вчера потврди дека Ѓоковиќ ќе ја брани титулата во Мелбурн откако добил дозвола за медицинско изземање од вакцинацијата, за што аплицирале 26 играчи. Австралиската министерка за внатрешни работи Карен Ендрјус навести дека федералната влада можеби го имала последниот збор во случајот со Ѓоковиќ.
„И додека владата на Викторија и Тениската федерација можат да дозволат невакцинирани тенисери да играат на Австралија опен, федералната влада е таа која ги спроведува нашите барања на австралиската граница“, изјави Ендрјус.
И додека организаторите тврдат дека Ѓоковиќ не добил специјален третман, Австралијците, од кои многумина веќе долго време не смеат да патуваат, жестоко ја критикуваа нивната одлука.
„Австралијците не можеа да добијат изземање за да отидат на погреб или во посета во болница, поминаа месеци во заробеништво, а на елитни здрави спортисти им се одобрува медицинско изземање за да играат на Австралија опен“, напиша спортскиот новинар Шејн Андерсон на Твитер.
Тони Надал, долгогодишниот тренер на Рафаел Надал, вели дека е изненаден од одлуката на Ѓоковиќ да му се дозволи настап.
„Ѓоковиќ има право да ја чува својата медицинска историја во тајност. Верувам дека е свесен дека од коронавирусот починаа шест милиони луѓе и дека ќе ја објасни својата ситуација. Не верувам дека имало какви било нерегуларности, но за да нема контроверзи, мора сите учесници во овој случај да бидат искрени“, напиша Надал во колумната за весникот „Ел Паис“.
Ѓоковиќ досега одбиваше да зборува за својот вакцинален статус, но во април кажа дека се противи на вакцинирањето.
„Не ме интересира колку е добар тенисер. Ако одбива да се вакцинира, не треба да му се дозволи влез во земјата. Ова испраќа ужасно лоша порака до милиони луѓе кои се обидуваат да се заштитат себеси и другите“, изјави лекарот Стивен Парнис.