Новак Ѓоковиќ веројатно нема да игра на Отвореното првенство на Австралија ако не се променат правилата во врска со вакцинирањето против ковид-19, изјави неговиот татко Срѓан. Светскиот рекет број еден и бранител на титулата досега не го обелоденил својот вакцинален статус, додека организаторите на турнирот му порачаа дека ќе мора да биде вакциниран ако сака да игра.
„Со вакви уцени и правила, тој веројатно нема да игра. Јас не би играл. Тој ми е син, нека реши самиот“, изјави Срѓан Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер рекордни девет пати славеше на Австралија опен и е израмнет со Федерер и Надал во бројот на освоени гренд слем титули. Надал кажа дека ќе учествува, додека Федерер и натаму заздравува од последната операција на коленото.
Според директорот на Австралија опен Скот Тајли, 85% од професионалните играчи се вакцинирани, очекувајќи бројката да порасне на 90-95% до почетокот на турнирот на 17 јануари.
„Вакциниран или не, тоа е лично право. Никој нема право да влегува во ничија интима“, кажа Срѓан Ѓоковиќ.