„Уморен сум, смирен и задоволен. Беше толку тешко да се победи, но беше запишано во ѕвездите. Ја заслуживме победата“, изјави Пеп Гвардиола по синоќешната победа на Манчестер сити и освојувањето на Лигата на шампионите.
Англискиот фудбалски тим синоќа во Истанбул за првпат ја освои Лигата на шампионите, победувајќи го Интер со 1:0. Проектот што Пеп Гвардиола почна да го создава пред седум години ја завршува најдобрата сезона во историјата на клубот со тројна круна, откако претходно беа освоени и Премиерлигата и ФА купот.
„Чест е да се биде како сер Алекс Фергусон“, изјави шпанскиот тренер. Фергусон досега беше единствениот на кој му успеало да ја освои тројната круна во Англија.
На мечот без многу шанси, единствениот погодок го постигна Родри во 68. минута. Во продолжението, Фоден имаше извонредна шанса да го удвои водството на Сити и да го реши мечот предвреме, а на другата страна, Димарко погоди пречка, додека Лукаку во завршните минути не успеа одблиску да го совлада Едерсон.