Рафаел Надал се пласираше во своето 30. гренд слем финале откако Александер Зверев тешко го повреди глуждот во нивниот полуфинален дуел на Ролан Гарос.
Шпанецот го доби првиот сет во тај-брејк и требаше да се игра уште еден кога Зверев незгодно го свитка десниот глужд и остана да лежи на земјата, превиткувајќи се од болка. Тој се врати на теренот по неколку минути, но колку да го предаде мечот.
„Ова е многу тешко и многу тажно за Саша. Играше неверојатен турнир. За момент, имаше лоша среќа. Му посакувам брзо закрепнување“, изјави Надал.
Тој ќе се бори за својата 14. титула на Ролан Гарос против подобриот од второто полуфинале, во кое се среќаваат Марин Чилиќ и Каспер Руд.