ТЕТОВЕЦОТ ДРАГАН СТОЈЧЕВСКИ СТАНА БАЛКАНСКИ ПРВАК ВО БОДИБИЛДИНГ И ФИТНЕС НА 41 ГОДИНА

    ТЕТОВЕЦОТ ДРАГАН СТОЈЧЕВСКИ СТАНА БАЛКАНСКИ ПРВАК ВО БОДИБИЛДИНГ И ФИТНЕС НА 41 ГОДИНАСтојчевски му ја посвети титулата на својот татко, кој почина во јули

    Тетовецот Драган Стојчевски е прогласен за балкански првак во бодибилдинг и фитнес во категоријата „Мастер физик“ на шампионатот што се одржа овој викенд во Романија. Тој се натпреваруваше во конкуренција на учесници од 40 до 49 години и вели дека не е лесно да се победи на еден ваков натпревар бидејќи строгото жири го гледа и оценува секој мускул.

    „Судиите го оценуваат атлетското тело на натпреварувачот во целост, при што се согледува неговата симетрија. Освен ова, потребно е да се има и добар изглед на кожата. Интензивно почнав да се подготвувам уште од септември минатата година. Првенството требаше да се одржи во мај, но поради пандемијата на коронавирусот дојде до одложување. Тоа за мене беше дополнителен предизвик, но и потешкотија бидејќи морав постојано да ја одржувам кондицијата и да работам на топењето на мастите и на запазувањето на мускулатурата“, вели 41-годишниот Стојчевски.

    Среде напорните тренинзи и подготовки, него го погоди семејна трагедија, кога во јули почина татко му.

    „И покрај ова, во периодот јули-август интензивно се подготвував во вид на секојдневни вежби во теретана, а потоа трчање 45 минути. Секако, многу внимавав и на исхраната“, објаснува Стојчевски, кој  ја посвети титулата на својот починат татко.

    Откако во 2004 година стана „Мистер на Македонија“, а во 2006 и „Мистер на Европа“, негов нареден предизвик ќе биде Европското првенство во Шпанија во средина на септември, но и тоа зависи од состојбата со коронавирусот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира