Во Тетово е поставен камен темелникот на базен, кој е дел од проектот со кој во наредниот период ќе се изградат 14 базени низ земјата. Како што беше речено на свеченоста, во првата фаза ќе се изградат шест базени, а преостанатите осум во втората фаза.
„Реализацијата на овој обемен проект започнува во Тетово, а вакви затворени пливачки базени во првата фаза ќе се изградат и во општините Кичево, Штип, Битола, Ѓорче Петров и Кисела Вода. Предвидено е базенот да биде изграден за 18 месеци, а локацијата ја обезбеди Општина Тетово. Изградбата на базенот ќе чини 43 милиони денари, а ќе биде со должина од 25 метри и со широчина од девет метри и во него ќе можат да се одржуваат и поголеми пливачки натпревари. Тој ќе биде енергетски ефикасен. Со базените ќе управуваат општините, но ќе направиме дополнителни консултации со спортските работници, пливачките клубови и со Пливачката федерација за да најдеме механизам за максимална функционалност на овие базени“, изјави Дарко Каевски, директорот на Агенцијата на млади и спорт.
Објектот ќе се гради на просторот на Спортскиот центар во Тетово, во непосредна близина на спортската сала, која со години стои недоизградена и веќе се претвора во руина.
З. АНДОНОВ