ТРЧАМ ОТИ ОД СЕДЕЊЕ МЕ БОЛИ ‘РБЕТОТ – САНДЕ СТОЈАНОВСКИ И ГОДИНАВА БЕШЕ НАЈВОЗРАСНИОТ УЧЕСНИК НА ПОЛУМАРАТОНОТ ВО ВЕЛЕС

    ТРЧАМ ОТИ ОД СЕДЕЊЕ МЕ БОЛИ ‘РБЕТОТ – САНДЕ СТОЈАНОВСКИ И ГОДИНАВА БЕШЕ НАЈВОЗРАСНИОТ УЧЕСНИК НА ПОЛУМАРАТОНОТ ВО ВЕЛЕСПланира да трча до 87 години, за да го урне возрасниот рекорд во Македонија. - Санде Стојановски на полумаратонот во Велес (Фото: СДК.МК)

    Како и претходните два полумаратони во Велес, така и годинава трчаше и ја мина целта и 72-годишниот Санде Стојановски од Лозово. Тој беше највозрасниот учесник, а патеката од 21,1 километар ја истрча за 1:47:49 часа, што е 40. постигнато време по вредност.

    „Ќе трчам до 87 години, за да го надминам рекордот на највозрасен учесник во Македонија. Немав никакви проблеми. Имам природна кондиција, здраво срце, постојано сум во движење, работам, малку и тренирам. Не ми беа проблем овие 21 километар, трчам и маратон. Одам да работам физичка работа во село, кому му треба му стојам на располагање. Работам бавча, ниви, тутун, копам дворови на соседи кои не можат да работат. Најмалку од времето трошам за правење муабет на мобилен или за седење, оти кога гледам телевизија, ме боли ‘рбетот. Повеќе сум во движење, трчање“, рече Санде, кој работел како инженер агроном во ЗИК „Овче Поле“ и во „Жито Скопје“.

    Учествувал на маратони во Белград, Подгорица, Сараево, Ниш и на речиси сите во Македонија. Задоволство му е да трча на овие долги патеки, а на неговите 72 години може да прави и стој на раце.

    Меѓу 20-те жени кои трчаа полумаратон беше и Јасмина Палуровиќ, градоначалничката на Крушевац во Србија. Постигна 15. време од 2:14:57 часа, а во Велес допатува со уште неколку сограѓани, меѓу нив и победникот на полумаратонот во машка конкуренција – Ненад Живковиќ.

    „Трчањето е начин да се живее здраво, проблемите со кои се судираме во работата да се потиснат. Така се надминува и секојдневниот стрес. Првпат сум на оваа трка, дојдов на покана од моите колеги кои веќе трчале тука“, кажа Палуровиќ.

    На полумаратонот учествуваа 262 тркачи.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира