ВЛАДАТА ЌЕ ГИ НАГРАДИ РАКОМЕТАРИТЕ НА ВАРДАР СО 500.000 ЕВРА, ЗАЕВ НАЈАВИ ПОМОШ ЗА КЛУБОТ

    ВЛАДАТА ЌЕ ГИ НАГРАДИ РАКОМЕТАРИТЕ НА ВАРДАР СО 500.000 ЕВРА, ЗАЕВ НАЈАВИ ПОМОШ ЗА КЛУБОТПремиерот Заев на средбата рекол дека ќе се преземат мерки за клубот да продолжи да функционира со истата финансиска стабилност како досега, откако сопственикот Сергеј Самсоненко најави повлекување. (Фото: Влада)

    Владата ќе им даде награда од 500.000 евра на ракометарите на Вардар за освојувањето на Лигата на шампиони, објави на својот Фејсбук профил премиерот Зоран Заев, по денешната средба со шампионите. Дополнителни 100.000 евра за постигнатиот успех ќе им додели и Агенцијата за млади и спорт, а со истиот износ ќе ги награди и Град Скопје.

    Премиерот Заев на средбата рекол дека ќе се преземат мерки за клубот да продолжи да функционира со истата финансиска стабилност како досега, откако сопственикот Сергеј Самсоненко најави повлекување.

    „Среќни сме што постои клубот и сакаме да опстане. Веднаш, уште од денеска се посветуваме на мерките кои ќе ги преземеме за стабилност на клубот на исто ниво на кое е сега, но и за развој и успешна иднина понатаму. Ќе се посветиме да изнајдеме начин за натамошната работа преку законски решенија и со помош на државните институции. Вие им носите радост на граѓаните, а државата ќе возврати со влог во иднината на македонскиот ракомет и македонскиот спорт“, рече Заев на средбата со ракометарите на која присуствуваше и претседателот на ракометната федерација на Македонија Живко Мукаетов.

    На средбата сопственикот на клубот Сергеј Самсоненко му подари на премиерот дрес од Вардар со број 1.

    Ракометарите на Вардар во неделата по втор пат ја освоија Лигата на шампиони. Синоќа на плоштадот Македонија беа пречекани од илјадници граѓани.

    Средба со ракометарите денеска ќе им и претседателот Стево Пендаровски, а на прием се и кај градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари