Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро прогласи тридневна национална жалост во земјата во чест на кралот на фудбалот Пеле, кој почина вчера на 82 години од последиците на ракот на дебелото црево.
Фудбалскиот клуб Сантос, каде што Пеле ја помина речиси целата кариера, ги објави деталите од погребот. В понеделник, телото на Пеле ќе биде пренесено од болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Пауло до стадионот „Урбано Калдеира“, каде што ковчегот ќе биде поставен на центарот на игралиштето, за да може јавноста да му оддаде почит. Следниот ден ќе има процесија по улиците на Сантос и Сао Пауло, пред Пеле да биде погребан на приватна церемонија, на која ќе присуствува само семејството.
Бразилците веќе некое време ја очекуваа вчерашната вест, бидејќи состојбата на Пеле се влоши за време на Светското првенство во Катар. Пеле значеше нешто за секој Бразилец и тој ги обединуваше луѓето во оваа фудбалска нација.
„Имав привилегија да го гледам Пеле како игра, но тоа не беше само играње, тоа беше шоу“, изјави новиот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој ќе ја преземе функцијата в недела.
За разлика од денешните бразилски фудбалери, Пеле остана да игра за Сантос многу години, место да гради кариера во странство. Тоа делумно беше спречено со указот на претседателот Жанио Квадрос, кој во 1961 година го прогласи Пеле за национално богатство.