Хрватска по вторпат се закити со бронза, а Мароко не успеа да стане првата африканска селекција која освоила медал на светските првенства. На мечот за третото место на Мундијалот во Катар, досегашниот светски вицешампион го совлада Мароко со 2:1 и го повтори успехот од Франција пред 24 години.
Хрватска поведе уште во седмата минута со голот на еден од најдобрите дефанзивци на првенството Јошко Гвардиол, но Мароко израмни преку Дари по само две минути.
Во финишот на првото полувреме, Мислав Оршиќ го постигна еден од најубавите голови во Катар, што на крајот се покажа одлучувачки за освојување на третото место.
Првенството ќе биде заокружено утре, кога во финалето се среќаваат Аргентина и бранителот на титулата Франција. Стартот е во 16 часот.