„ЗАСЕКОГАШ ЕДЕН ОД НАС“, КОБИ БРАЈАНТ БЕШЕ ГЛОБАЛНА ИКОНА

    „ЗАСЕКОГАШ ЕДЕН ОД НАС“, КОБИ БРАЈАНТ БЕШЕ ГЛОБАЛНА ИКОНАМладинскиот тим на Кантине Риуните во раните 1990-ти во Реџо Емилија, Италија, Брајант е во горниот ред, втор од лево. (Фото: Твитер)

    Коби Брајант беше еден од оние суперѕвезди кои го надминуваа спортот. Тој стана кошаркарска, културна и модна икона и беше чест гостин во Белата куќа, прославувајќи неколку НБА титули со неговите Лос Анџелес Лејкерс. Актуелни и поранешни претседатели побрзаа да се простат од Брајант, кој вчера загина во хеликоптерска несреќа во Лос Анџелес.

    Брајант беше една од најпопуларните личности во американскиот живот на почетокот на 21. век. Тоа, како и шокантниот начин на кој загина на само 41 година објаснуваат зошто неговата смрт одекна не само меѓу спортските фанови и зошто неговата легенда ќе продолжи да расте.

    Веста за смртта на Брајант привлече реакции на шок и тага ширум светот, од израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху до венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

    Но, веста посебно го потресе малиот италијански град Реџо Емилија, кој е познат по образовна филозофија, пармезан, но и Коби Брајант.

    „Засекогаш еден од нас“, твитна кошаркарскиот тим од Реџо Емилија, со фотографија од младиот Брајант во нивниот дрес.

    „Коби Брајант, шампион израснат во Реџо Емилија“, гласеше насловната страница на локалниот весник „Газета ди Реџо“.

    Американската кошаркарска ѕвезда не беше само глобална фигура, и самиот тој е производ на глобализацијата, растејќи во Италија за време на златната ера на италијанската кошарка, кога неговиот татко Џои играше за неколку локални тимови.

    Брајант зборуваше течно италијански и ги поминуваше деновите играјќи кошарка за младинскиот тим на Кантине Риуните, именуван по локалната винарија.

    „Имавме силен тим, но тој очигледно беше подобар од сите нас. На 11 години, тој веќе беше сигурен во своите способности и знаеше што ќе стане. Уште тогаш знаев дека ќе стане професионален кошаркар, но не знаев дека ќе биде една од најголемите ѕвезди“, вели Давиде Гудичи, поранешен соиграч и пријател на Брајант од Реџо Емилија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира