Обединетите Нации со огромно мнозинство ја прифати резолуцијата за осуда на руската инвазија на Украина и повика на итно повлекување на руските сили, нагласувајќи ја сè позасилената изолација на Русија на глобално ниво.
На итното заседание на генералното собрание на ОН, 141 земја од вкупно 193 гласаа „за“ резолуцијата пет беа „против“, додека 35 апстинираа од гласањето, вклучувајќи ја и Кина.
Во резолуцијата, која беше спонзорирана од 94 земји, се вели дека ОН: „најсилно ја осудуваат агресијата на Руската Федерација против Украина“. Со неа се бара„ Руската Федерација итно да прекине да ги користи своите сили против Украина“ и „веднаш, комплетно и безусловно да ги повлече своите воени сили“.
Резолуцијата не е правно обврзувачка, но е израз на ставовите на членството на ОН. Против усвојувањето на резолуцијата, освен Русија и нејзиниот сојузник во војната против Украина, Белорусија, гласаа уште Сирија, Северна Кореја и Еритреја.