Четириесет и шест учесници во војната во Украина се избрани за пратеници на последните парламентарни избори во Русија, соопшти Централната изборна комисија, која ги објави конечните резултати.
Според нив, владејачката партија Единствена Русија ќе има рекордни 343 пратеници во долниот дом на парламентот, кој брои 450 места. На второто место е Комунистичката партија со 37 пратеници, а во парламентот влегоа уште три партии, сите кои ги поддржуваат политиките на Кремљ.
Претседателката на Централната изборна комисија, Ела Памфилова, кажа дека во парламентот за првпат ќе седат и воени ветерани од Украина, вкупно 46. Претседателот Владимир Путин ги нарекува ветераните кои станале политичари „нова елита“ на Русија.
Независните руски медиуми објавија дека неколкумина од ветераните избрани за пратеници се обвинети за воени злосторства во Украина.
Ова беа првите парламентарни избори во Русија од почетокот на инвазијата врз Украина и првпат се гласаше и на окупираните територии. Путин изјави дека резултатите од изборите се знак на јавна поддршка за политиките на Кремљ.



