Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека Хрватска нема да учествува во зајакнувањето на силите на НАТО во источна Европа поради ситуацијата околу Украина. Тој смета дека тоа се случува во предградието на главниот град на Русија и дека на Украина треба да ѝ се помогне економски.
„Хрватска нема да има ништо со тоа. Ако дојде до ескалација, ќе го повлечеме и последниот хрватски војник, го гарантирам тоа“, изјави Милановиќ.
Според него, за разлика од Доналд Трамп, сегашната администрација во Вашингтон врши притисок врз Пентагон и Бајден да заземат поцврст став кон Русија.
„На Украина не ѝ е место во НАТО. Таа е една од најкорумпираните држави на светот. Треба да се смири политичката сцена и да не им се дозволи на екстремистите да вршат притисок врз политиката. Затоа Хрватска нема да учествува во тоа, нема да дозволам, а премиерот Пленковиќ колку сака може да ѝ се заканува на Русија. Хрватска треба да бега од тоа како да е пожар и да не глуми пожарникар“, вели тој.
Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, иако во изминатиот период распореди 100.000 војници покрај границата, поради што САД и сојузниците од НАТО веруваат дека се подготвува за војна. НАТО одговори со засилување на својата воена моќ во балтичкиот регион и источна Европа.