Доналд Трамп изјави дека договорот за прекин на огнот постигнат оваа недела со Иран не е конечен и дека може да продолжи со бомбардирањето ако не му се допадне.
„Тоа е меморандум за разбирање. И ако не ми се допадне, ако не се однесуваат добро, ќе се вратиме на пукање кон нив и фрлање бомби врз нивните глави“, рече Трамп на самитот на Г7 во Франција.
Лидерите на земјите од Г7 побараа прекин на огнот во Либан и рекоа дека ќе ги променат рутите за снабдување со енергенси, за да ја намалат зависноста од Ормускиот Теснец. Тие се состанаа во францускиот град Евијан, на еден час возење од местото во Швајцарија, каде што треба да се потпише меморандумот в петок.
Се очекува договорот помеѓу САД и Иран да ги започне преговорите за конечно решавање на војната, во која загинаа повеќе од 7.000 луѓе, главно во Иран и Либан.
Лидерите рекоа дека се подготвени да придонесат за спроведување на договорот, а коалицијата предводена од Велика Британија и Франција ќе помогне во обезбедувањето на бродскиот сообраќај откако повторно ќе се отвори Ормускиот Теснец.



