Амстердам ги предупреди британските туристи кои доаѓаат за секс и дрога, „да стојат настрана“. Дигиталната кампања е насочена кон мажи на возраст од 18 до 35 години од Велика Британија, а ја почна Советот на градот Амстердам.
Иницијативата е дел од напорите на Амстердам да се ослободи од репутацијата како најлиберален главен град за забава во Европа. На видеата кои се дел од кампањата се прикажани млади мажи како се тетерават на улица, има и кадри со лисици од полицијата, со отпечатоци од прсти и со снимки од кригли.
Овие реклами ќе им се појавуваат на Британците кога ќе пребаруваат термини како момчешка забава, евтин хотел или пабови.
Британците можат да најдат повратни летови до Амстердам за 50 фунти (57 евра или 62 долара).
Туристичките агенции во Велика Британија, исто така, нудат викенди за момчешки забави во Амстердам, вклучувајќи крстарења по каналите со неограничено консумирање алкохол, ноќи со „бифтек и стриптиз“.
Со години жителите на Амстердам се жалат на пијани Британци кои уринираат во јавност, повраќаат по каналите, се соблекуваат и учествуваат во тепачки во пијана состојба.
Оваа кампања не е новина. Пред речиси десет години, тогашниот градоначалник на Амстердам го покани својот лондонски колега Борис Џонсон, за сам да се увери што прават Британците.
Критичарите велат дека овие реклами се дискриминаторски и се засноваат на нефер стереотипи.
Амстердам е еден од најпосетуваните градови во светот. Околу 20 милиони туристи, вклучувајќи и милион Британци го посетуваат градот со 883 илјади жители.