Федералниот суд го одби барањето на австралиската влада сослушувањето на Новак Ѓоковиќ да се одложи за два дена, оставајќи им можност на организаторите на Отвореното првенство на Австралија да го вклучат во ждрепката за турнирот. Сепак, правните експерти предупредуваат дека нема гаранции дека по утрешното сослушување судот ќе му ја обнови визата на Ѓоковиќ на време за да може да игра на турнирот. Таа повторно може да биде одбиена по нови основи.
Министерката за внатрешни работи Карен Ендрјус побарала судската постапка да се одложи барем до среда, но место тоа, судот ѝ излезе во пресрет на Тениската федерација на Австралија, која до вторник мора да знае дали Ѓоковиќ ќе може да игра.
Министерот за здравство Грег Хант изјави дека граничните власти ја завршиле истрагата за визите за Австралија опен, но додаде дека нема да го коментира случајот на Ѓоковиќ.
Најдобриот светски тенисер доби медицинско изземање од вакцинирањето против ковид-19 за да може да игра на турнирот. Сепак, по доаѓањето во Мелбурн во средата, визата му беше одбиена поради процедурална грешка и тој оттогаш престојува во имиграциски притвор во хотел и утре се соочува со депортација. Адвокатите на Ѓоковиќ вчера открија дека тој добил изземање врз основа на позитивниот тест за коронавирус од 16 декември. Следниот ден, тој на свеченост во Белград им ги врачил пехарите на најдобрите млади српски тенисери.
Австралиските власти во ноември ја известиле Тениската федерација дека скорешна зараза со коронавирусот не е нужна основа за изземање.
Адвокатите на Ѓоковиќ ќе добијат два часа да го претстават случајот на утрешното сослушување, кое почнува во четири часот по македонско време.