Австрија се согласи да го тргне ветото од приемот на Бугарија и Романија во Шенген зоната, што двете источноевропски држави го бараа со години. Напредокот беше објавен попладнево од Унгарија, која како претседавач на ЕУ беше домаќин на состанок на министрите за внатрешни работи на Романија, Бугарија и Австрија.
„Тројцата министри потпишаа заеднички договор, со кој се отвора патот за комплетирање на членството во Шенген. Договорот го нагласува напредокот во спречувањето на нелегалната имиграција и намалувањето на барањата за азил во трите држави и вклучува ветување за забрзување на депортациите на одбиените апликанти“, објави Унгарија.
Порано оваа година, Австрија дозволи да се укинат пасошките контроли за романските и бугарските граѓани кои патуваат со авион или брод. Целосниот прием на двете земји во Шенген зоната се очекува на 1 јануари.
„Романија и Бугарија целосно припаѓаат во Шенген зоната“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.