АВСТРИЈА ПОВТОРНО ГИ ОТВОРА УГОСТИТЕЛСКИТЕ И ВЕРСКИТЕ ОБЈЕКТИ, ИТАЛИЈА НА 4 МАЈ ПОЧНУВА ДА ГИ ОЛЕСНУВА МЕРКИТЕ

    АВСТРИЈА ПОВТОРНО ГИ ОТВОРА УГОСТИТЕЛСКИТЕ И ВЕРСКИТЕ ОБЈЕКТИ, ИТАЛИЈА НА 4 МАЈ ПОЧНУВА ДА ГИ ОЛЕСНУВА МЕРКИТЕАвстрија брзо и ефективно реагираше по појавата на коронавирусот (Фото: Ројтерс)

    Австрија ќе биде прва земја во Европа која повторно ќе ги отвори рестораните и кафулињата среде пандемијата на коронавирусот. Канцеларот Себастијан Курц објави дека тие ќе продолжат со работа од 15 мај, кога ќе бидат отворени и верските објекти.

    „Ние побрзо од другите земји се движиме кон нова нормалност. Сите угостителски објекти повторно ќе бидат отворени на 15 мај и ќе смеат да работат до 23 часот“, кажа Курц.

    Австрија брзо реагираше по појавата на коронавирусот и пред повеќе од еден месец ги затвори рестораните, баровите, театрите и несуштинските бизниси. Таму прво беа отворени продавници со големина до 400 квадратни метри, а од 1 мај се отвораат и трговски центри, поголеми продавници и фризерски салони. Во Австрија досега има 491 починат од последиците на коронавирусот.

    Шведска, која остана доследна на својата стратегија и никогаш не воведе карантин и строги ограничувања, пријави најголема дневна бројка починати од КОВИД-19 досега – 185. Таа е најтешко погодена меѓу скандинавските земји со 1.765 починати и 15.322 заразени.

    Велика Британија објави дека во последните 24 часа починале 823 пациенти во тамошните болници.

    Италија најави дека оваа недела ќе претстави план за постепено отворање на земјата. Таму досега починале 24.648 пациенти, од кои 534 во последните 24 часа, но премиерот Џузепе Конте кажа дека олеснувањето на мерките ќе почне од 4 мај.

    „Италија не се откажува од политиката на максимална претпазливост. Ќе продолжиме да ги слушаме научниците и олеснувањето на мерките ќе се базира на добро структуриран и артикулиран план“, изјави Конте.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира