Aдминистрацијата на претседателот Џо Бајден ќе ѝ дозволи на Украина да користи оружје обезбедено од САД за да нападне длабоко на руска територија, рекоа три извори запознаени со ова прашање, што претставува значајна промена на политиката на Вашингтон во украинско-рускиот конфликт. Украина планира да ги изврши првите напади со долг дострел во наредните денови, велат изворите, без да откријат детали поради оперативни безбедносни прашања. Белата куќа одби да коментира.
Потегот на САД два месеца пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари, следи по неколкумесечните барања на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ѝ дозволи на војската на Украина да користи американско оружје за да погоди руски воени цели далеку од нејзината граница. Промената следи по руското распоредување на севернокорејски копнени трупи за дополнување на сопствените сили, развој што предизвика тревога во Вашингтон и Киев.
Според изворите, првите длабоки напади најверојатно ќе бидат изведени со помош на ракети АТАЦМС, кои имаат дострел до 306 километри.
Додека некои американски официјални лица изразија скептицизам оти дозволувањето напади од долг дострел ќе ја промени севкупната траекторија на војната, одлуката може да ѝ помогне на Украина во момент кога руските сили напредуваат и можеби ќе го стави Киев во подобра преговарачка позиција кога и ако се случат разговори за прекин на огнот.