БАЈДЕН ЌЕ Ѝ ИСПРАТИ НА УКРАИНА СÈ ШТО ИМА ЗА ДА МОЖЕ ДА СЕ БОРИ ВО 2025, КАЖА БЛИНКЕН

    БАЈДЕН ЌЕ Ѝ ИСПРАТИ НА УКРАИНА СÈ ШТО ИМА ЗА ДА МОЖЕ ДА СЕ БОРИ ВО 2025, КАЖА БЛИНКЕНБајден му кажал на Трамп дека поддршката за Украина е добра за САД (Фото: АП)

    Белата куќа ќе ѝ испрати на Украина најмногу помош што може во последните месеци од мандатот на Џо Бајден, кажа државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, при посетата на Брисел.

    „Претседателот Бајден е решен да испрати секој долар што ни е на располагање од денеска до 20 јануари, кога Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата“, изјави Блинкен.

    Тој додаде дека земјите од НАТО треба да ги насочат своите напори за да се осигура дека Украина ќе има пари, муниција и мобилизирани сили за да може да се бори ефикасно во 2025 година или да преговара за мир од поволна позиција.

    Постои политична неизвесност околу тоа како САД ќе пристапат кон Украина по враќањето на Трамп во Белата куќа. САД се најголемиот снабдувач на Украина со воена помош, на што се противат водечките републиканци, кои отсега ќе ги контролираат двата дома во Конгресот. Трамп на некои клучни позиции веќе назначи луѓе кои јавно се залагаа за прекинување на воената помош за Украина.

    На вчерашната средба во Белата куќа, Бајден и Трамп разговарале и за Украина.

    „Бајден кажа дека поддршката за Украина е добра за САД зашто силна и стабилна Европа значи дека Америка нема да биде вовлечена во војната“, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливен.

    Војната во Украина не покажува знаци на запирање, при што Русија дури ги засили офанзивните активности во изминатиот период.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира