Џо Бајден објави дека американското воено присуство во Европа ќе стане поголемо, како одговор на заканите од Русија по инвазијата на Украина. Тој кажа дека САД ќе воспостават постојано седиште во Полска и ќе испратат уште две ескадрили борбени авиони „Ф-35“ во Велика Британија и дополнителна воздушна помош и други капацитети во Германија и Италија.
САД ќе ги засилат и своите воени капацитети во Романија и во балтичкиот регион.
„НАТО е силен и обединет, а со чекорите што ги преземаме на овој самит дополнително ќе ја зголемиме нашата заедничка сила. Денеска објавувам дека САД ќе ја засилат својата позиција во Европа и ќе одговорат на променливото безбедносно окружување“, кажа Бајден на самитот на НАТО во Мадрид.
Тој вчера најави дека САД ќе испратат уште два разурнувача во својата поморска база во Рота, Шпанија.
Откако Турција синоќа кажа дека нема да стави вето, НАТО денеска и формално ќе ги покани Шведска и Финска во своето членство, додека Русија треба да биде означена како најголемата закана за западната воена алијанса.
„Му испраќаме силна порака на Путин: нема да победиш“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчес.