БЕГАЛЕЦ ОД АВГАНИСТАН СПРЕЧИЛ УШТЕ ПОГОЛЕМ МАСАКР ВО КРАЈСТЧРЧ ОТКАКО ГО ИЗБРКАЛ ТЕРОРИСТОТ СО АПАРАТ ЗА КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ

    БЕГАЛЕЦ ОД АВГАНИСТАН СПРЕЧИЛ УШТЕ ПОГОЛЕМ МАСАКР ВО КРАЈСТЧРЧ ОТКАКО ГО ИЗБРКАЛ ТЕРОРИСТОТ СО АПАРАТ ЗА КРЕДИТНИ КАРТИЧКИАбдул Азиз не му дозволил на Брентон Тарант да влезе во втората џамија, во која имало повеќе од 80 луѓе (Фото: РНЗ)

    Кога Брентон Тарант се движел кон џамијата пукајќи во сѐ пред себе, Абдул Азиз не се сокрил. Тој ја зел првата работа што му била при рака, апарат за скенирање кредитни картички, и истрчал надвор, викајќи: „Дојди ваму!“.

    Азиз (48) денес го сметаат за херој, бидејќи спречил бројката на убиени во џамијата Линвуд во Крајстчрч да биде и поголема. Но, Азиз, чии четири деца биле во џамијата, вели дека го направил она што верува дека повеќемина би го направиле.

    Во терористичкиот напад, Тарант прво убил 41 лице во џамијата Ал Нор, а потоа уште седум во 5,5 километри оддалечената џамија Линвуд и откако денеска беше пронајдено уште едно тело, вкупната бројка загинати во најголемиот масакр во историјата на Нов Зеланд се искачи на 50.

    Имамот Латеф Алаби верува дека во Линвуд ќе имаше уште повеќе мртви да не беше храбриот чин на Азиз. На петочната служба во тој момент имало повеќе од 80 луѓе.

    „Ја запрев службата кога слушнав викање надвор. Видов вооружен маж во маскирна опрема и помислив дека е полицаец, кога видов две тела на земјата. Сфатив дека е убиец. Тој почна да пука кон нас, кога дојде братот Азиз. Тргна по него и успеа да го надвладее. Доколку убиецот успееше да влезе внатре, веројатно сите ќе бевме мртви“, раскажува Алаби.

    Азиз, кој потекнува од Авганистан, вели дека истрчал од џамијата со надеж дека ќе му го одвлече вниманието на напаѓачот.

    „Го фрлив апаратот за кредитни картички кон него, по што тој се врати во автомобилот по ново оружје. Потоа продолжи да пука од паркингот и кога по вторпат се врати да земе оружје, зедов еден празен пиштол од земјата и го фрлив по него, скршив прозорец од неговиот автомобил и тоа како да го исплаши и избега“, изјави Азиз.

    Набргу потоа, Тарант беше фатен од двајца локални полицајци.

    „Сум бил во многу земји, но Нов Зеланд е една од најубавите“, додаде Азиз, кој го напуштил Кабул пред 25 години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира