Белата куќа ги повика лидерите на Србија и Косово во Вашингтон овој месец, со надеж дека ќе ги унапреди преговорите за нормализација на односите помеѓу двете земји.
Специјалниот претставник на Доналд Трамп, Ричард Гренел, го закажа состанокот на 27 јуни, откако Србија потврдила дека привремено ќе ја запре кампањата со која ги убедува државите да го повлечат признавањето на Косово. Во исто време, Косово се согласило да ги паузира своите напори за добивање поголемо меѓународно признание.
Преговорите помеѓу Србија и Косово под покровителство на Европската Унија се во застој од ноември 2018, откако Приштина воведе царина од 100% на сите српски производи. Оваа царина беше укината во април, за потоа Приштина да воведе нови мерки кон Србија. Новиот косовски премиер Авдула Хоти, кој е на власт само две недели, во меѓувреме ги тргна сите пречки, што беше поздравено од српскиот претседател Вучиќ.
„Ако двете страни незадоволни си заминат од Вашингтон на 27 јуни, тие ќе се вратат на статус кво. Фокусот мора да се стави на економскиот напредок“, кажа Гренел.