БИ МОЖЕЛ ДА НАПОЛНАМ ЦЕЛО ГРОБИШТЕ СО МОИ ЖРТВИ – УАПСЕНИОТ ШЕФ НА КОЗА НОСТРА, МЕСИНА ДЕНАРО, НАРЕДИЛ И УБИСТВО НА 11-ГОДИШНО ДЕТЕ

    БИ МОЖЕЛ ДА НАПОЛНАМ ЦЕЛО ГРОБИШТЕ СО МОИ ЖРТВИ – УАПСЕНИОТ ШЕФ НА КОЗА НОСТРА, МЕСИНА ДЕНАРО, НАРЕДИЛ И УБИСТВО НА 11-ГОДИШНО ДЕТЕДенаро беше во бегство од 1993, но се верува дека продолжил да издава наредби од разни тајни локации (Фото: Гети)

    Италијанците денеска со радост и олеснување ја примија веста за апсењето на шефот на озлогласената сицилијанска мафија Коза ностра, Матео Месина Денаро, кој три децении успешно се криеше, а во меѓувреме беше осуден на доживотен затвор за низа убиства од 1990-ите. Денаро беше уапсен во една приватна клиника во Палермо, во што учествувале повеќе од 100 припадници на вооружените сили, на кои им честиташе и италијанскиот претседател Серџо Матарела, чиј брат Пјерсанти беше убиен од Коза ностра во 1980.

    Шеесетгодишниот Денаро се смета за последниот „чувар на тајните“ на Коза ностра. Многумина доушници и обвинители веруваат дека тој ги знае сите информации и имиња на оние кои биле вклучени во најпознатите злосторства на мафијата, меѓу кои се истакнува бомбашкиот напад во кој беа убиени антимафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борсолини во 1992.

    Иако Денаро беше во бегство од 1993 година, се верува дека тој продолжил да издава наредби од разни тајни локации и дека продолжил да живее луксузен живот благодарение на неколкумина банкари.

    Во изминатите децении, истражителите често биле блиску да го фатат така што ги следеле неговите најблиски, но во меѓувреме беа уапсени само сестра му Патриција и неколкумина соработници. Од Денаро постоеле само неколку фотографии, па полицијата морала да се потпира на дигитални реконструкции на неговиот изглед. Со години, тој беше симбол на неспособноста на државата да ги фати повисоките ешалони на организираниот криминал.

    Како шеф на Коза ностра, Денаро надгледувал рекетирање, илегални депонии, перење пари и шверц на дрога. Наводно бил штитеник на Тото Рина, шефот на кланот Корлеоне, кој беше уапсен во 1993 по 23 години бегство.

    Меѓу убиствата за кои беше обвинет се бомбашките напади во Рим, Фиренца и Милано во 1993, во кои загинаа десет луѓе, како и смртта на 11-годишниот Џузепе ди Матео. Денаро го организирал неговото киднапирање со цел да го принуди татко му да не даде докази против мафијата. Џузепе бил чуван во заробеништво две години, по што бил задавен, а неговото тело било растворено во киселина.

    „Би можел цело гробиште да наполнам со мои жртви“, рекол Денаро своевремено.

    И покрај еуфоријата поради неговото апсење, во Италија и натаму владеат организирани криминални групи. Експертите велат дека калабриската мафија Ндрангета го презела приматот од Коза ностра како најмоќна организирана криминална група во Италија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира