БИВШ ЕВРОПРАТЕНИК СЕ СОГЛАСИЛ ДА ОТКРИЕ СÈ ЗА КАТАРГЕЈТ, КОРУПЦИСКИОТ СКАНДАЛ ВО БРИСЕЛ

    БИВШ ЕВРОПРАТЕНИК СЕ СОГЛАСИЛ ДА ОТКРИЕ СÈ ЗА КАТАРГЕЈТ, КОРУПЦИСКИОТ СКАНДАЛ ВО БРИСЕЛМинатиот месец, белгиската полиција заплени 1,5 милиони евра во готовина од осомничените

    Наводниот лидер на криминалната мрежа вклучена во корупцискиот скандал во Европската Унија се согласил да открие кои држави биле вмешани и како сè функционирало. Адвокатот на Пјер Антонио Панцери изјави дека тој се согласил да каже сè откако постигнал договор со обвинителите.

    Поранешниот европратеник е еден од четворицата кои беа приведени во Белгија откако изби таканаречениот скандал Катаргејт. Тие се сомничат дека земале мито од Катар и Мароко за да им обезбедат влијание во Европскиот парламент.

    Катар упорно негира дека се обидел да купи влијание преку подароци и пари, а обвинувањата ги отфрли и Мароко.

    Четворицата осомничени беа обвинети минатиот месец откако полицијата заплени 1,5 милиони евра во готовина во рации во стан, куќа и хотел, каде што била пронајдена чанта полна со пари.

    Обвинителите кажаа дека 67-годишниот Панцери се согласил на договор согласно законот за доушници, кој досега само еднаш бил применет во Брисел. Неговиот адвокат Марк Ујтенделе кажа дека Панцери ја признал кривичната одговорност.

    Важно е да се знае дека тој е уништен човек и не му остана многу од животот. Тој се надева дека ќе ја обезбеди својата ситуација така што ќе каже сè што знае за случајот“, изјави Ујтенделе.

    Другите обвинети се грчката европратеничка Ева Каили, нејзиниот партнер Франческо Џорџи и лобистот Николо Фига-Таламанка. Откако Панцери го напуштил Европскиот парламент, тој станал шеф на лоби групата „Борба против неказнивоста“, додека Фига-Таламанка работел во истата зграда во Брисел за друга невладина организација. Каили ја негира вмешаноста во скандалот, додека Џорџи призна дека имал улога.

    Според договорот, Панцери ветил дека ќе ги открие сите детали за тоа како групата работела, државите со кои биле договарани финансиски аранжмани, како и имињата на сите кои биле подмитени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира