БИВШАТА СОРАБОТНИЧКА НА ПЕДОФИЛОТ ЕПСТАЈН ПРОГЛАСЕНА ЗА ВИНОВНА ЗА ЗЛОСТАВУВАЊЕ ДЕВОЈКИ, СЕ СООЧУВА СО ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР

    БИВШАТА СОРАБОТНИЧКА НА ПЕДОФИЛОТ ЕПСТАЈН ПРОГЛАСЕНА ЗА ВИНОВНА ЗА ЗЛОСТАВУВАЊЕ ДЕВОЈКИ, СЕ СООЧУВА СО ДОЖИВОТЕН ЗАТВОРНекои од жртвите на Епстајн и Максвел имале 14 години (Фото: АП)

    Некогашната соработничка на покојниот милијардер и педофил Џефри Епстајн, Гилејн Максвел, е прогласена за виновна за регрутирање и трговија на млади девојки заради сексуално злоставување. Шеесетгодишната Британка е прогласена за виновна по пет од шесте обвиненија, вклучувајќи го најсериозното, сексуална трговија на малолетник и сега се соочува со доживотен затвор.

    Пресудата беше изречена по полни пет дена размислување на 12-члената порота во Њујорк. Таа следува по еден месец долгиот судски процес, на кој четири жени сведочеа за злоставувањата од страна на Епстајн од 1994 до 2004 година.

    Адвокатите на Максвел најавија жалба, тврдејќи дека е невина.

    „Многу ми олесна и сум благодарна што поротата го препозна шаблонот на предаторско однесување. Се надевам дека пресудата ќе им донесе утеха на сите на кои им е потребна“, изјави Ени Фармер, една од жените кои сведочеа против Максвел.

    Максвел беше во затвор од јули 2020, кога беше обвинета за учество во злоставувањето тинејџерки, од кои некои имале и 14 години. Епстајн се самоуби во затвор во 2019 во очекување на судење и неговата смрт сѐ уште се води како мистериозна.

    Максвел го запознала Епстајн откако почнала да работи со недвижности во САД. Иако нивната романтична врска траела само неколку години, таа продолжила да работи за него и наводно го запознала со моќни луѓе како Бил Клинтон и британскиот принц Ендрју.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира