Поранешната специјална обвинителка на Романија Лаура Ковеси ќе биде првиот јавен обвинител на Европската Унија, откако на денешното тајно гласање доби поддршка од 17 од 22-та евроамбасадори.
Ковеси, која во јуни 2018 беше отпуштена од функцијата шефица на Националниот антикорупциски директорат на Романија, ќе ја води новоформираната Канцеларија на европскиот јавен обвинител. Европскиот парламент претходно ја поддржа Ковеси, додека Европскиот совет, наводно под притисок од Романија, го преферираше Французинот Жан-Франсоа Бонер. Романската влада се спротивстави на изборот на Ковеси и на романскиот амбасадор му наложи да гласа против.
„Се надевам дека ова ќе го мотивира романското правосудство да продолжи да се бори против корупција и да ја брани својата независност“, изјави Ковеси.
Таа пет години го водеше специјалното јавно обвинителство на Романија и имаше голем успех во борбата против корупцијата во земјата.