„Боинг“ ја суспендираше целата глобална флота авиони „737 макс 8“, откако истражителите пронашле нов доказ на местото на неделната несреќа во Етиопија, во којашто загинаа 157 луѓе.
Американскиот производител објави дека од употреба се повлечени сите 371 авион. Федералната агенција за цивилно воздухопловство на САД (ФАА) соопшти дека одлуката за привремена забрана е донесена врз основа на нов доказ и на новите сателитски податоци. ФАА претходно одбиваше да ги приземји авионите, за потоа ваква наредба да стигне директно од американскиот претседател Доналд Трамп. Од несреќата во Етиопија, која се случи пет месеци по онаа во Индонезија, свои авиони „боинг 737 макс 8“ приземјија и Кина, Индија, Европска Унија, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Бразил и голем број други држави.
ФАА испрати свој тим истражители во Етиопија, кој работи заедно со локалните власти.
„На сите страни им стана јасно дека при полетувањето, авионот на ‘Етиопијан ерлајнс‘ се однесувал многу слично со авионот на ‘Лајон ер‘. Доказот што го пронајдовме на самото место уште повеќе го потврдува тоа“, изјави Ден Елвел од ФАА.
Од „Боинг“ соопштија дека и натаму имаат полна доверба во безбедноста на „737 макс“, но ќе ги приземјат авионите како мерка на претпазливост.
„737 макс 8“ беше најбрзо продаваниот модел во историјата на „Боинг“, со повеќе од 4.500 нарачки од 100 различни авиооператори низ светот.