„Боинг“ објави дека во јануари привремено ќе го запре производството на проблематичниот модел „737 макс“, кој беше вклучен во две тешки авионски несреќи.
Производството на овој модел продолжи иако тие беа приземјени низ цел свет пред девет месеци, откако повеќе од 300 луѓе загинаа во несреќите во Индонезија и Етиопија. „Боинг“ се надеваше дека авионите повторно ќе почнат да летаат до крајот на годината, но американските власти не го дозволија тоа.
Компанијата соопшти дека нема да има отпуштања поради прекинот на производството, туку тоа ќе погоди доставувачи и поширока економија.
„Безбедното враќање на ‘737 макс‘ во службата е наш врвен приоритет, но знаеме дека тој процес мора да биде извонредно темелен и стабилен“, објави компанијата.
Минатата недела, на сослушувањето во Конгресот се дозна дека американските авијациски власти биле свесни дека по несреќата во Индонезија во октомври 2018 постоел ризик од нови инциденти. И покрај тоа, „737 макс“ не бил повлечен од сообраќај, по што во март 2019 се урна уште еден таков авион во Етиопија.